Како влада се насочивме жестоко да работиме заедно со македонската економија, со компаниите и да ги помагаме тие побргу да растат. Зашто е тоа интерес? Затоа што колку тие побрзо ќе растат, колку поробустно ќе растат толку повеќе приходи ќе имаат во самиот буџет, а колку повеќе приходи ќе имаат толку повеќе инвестиции ќе има во образованието, во здравството ќе има повисоки плати, повисоки пензии, во земјоделието, во културата, во спортот, во инфраструктурата, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со бизнисмени од Стопанска комора на северозападна Македонија.
– Наш главен приоритет и примарен интерес е македонските компании да растат. И во таа насока денеска разговаравме за оној заем кој што веќе го зедовме, од половина милијарда евра односно заем за кој што имаме согласност заедно со унгарската влада, којшто сега треба да биде официјално и потпишан, потоа преку закон да биде и ефектуиран во рамките на парламентот и како сето тоа ќе функционира за поддршка на економијата; условите се тие 3,25 % фиксна каматна стапка, 15 години, 3 години грејс период 12 години рок на отплата. Тоа што државата го зема, тоа го дава на стопанството – рече Мицкоски.
Тој рече дека во следна фаза ќе се разговара со комерцијалните банки за опциите како да се доделуваат парите од кредитот, но, како што рече, можни се и други опции со цел кредитите за компаниите да не бидат оптоварени со други трошоци.
– Да видиме дали како опција таму ќе се пласира или ќе се пласира на друг начин но важно е дека не сакаме да биде оптоварен овој кредит со дополнителни услови бидејќи цениме дека е поволен, на пазарот е можеби со два пати поповолни услови од она што може да се обезбеди од комерцијалните банки и цениме дека на овој начин можеме да го помогнеме стопанството – рече Мицкоски.
На средбата се разговарало и за инфраструктурните проекти и плановите на владата, како и за минималната плата и за земјоделството за што, според Мицкоски, имало исклучително плодна дискусијата.
– Мојата порака, пораката на владата е дека треба заедно да работиме и дека како Влада сме целосно на услуга на бизнисот. Бизнисот е тој кој треба да иницира, да предлага, заедно во еден дијалог тие работи да ги надминуваме. Не ја имаме таа пракса од претходните влади во свечената сала во рамки на зградата на владата да ги собереме сите комори и таму сега да кажеме половина саат што мислиме и да си заминеме, затоа ние иодеме кај коморите. Ќе продолжиме да одиме, да разговараме, да слушаме идеи и тоа да го решиме. Ќе повторам, прв и основен приоритет е да обезбедиме повеќе пари во буџетот затоа што ваков каков што е тој е ограничен. Како ќе го направиме тоа? Доколку коморите и компаниите и економијата се поуспешни. Колку се тие поуспешни толку ќе има повеќе средства за сите други области коишто се потребни – рече Мицкоски.