Каде за дочек на Нова година во кризна година?

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

И покрај кризата и поскапувањата македонските граѓани не се откажуваат од дочекот на Нова година. И годинава дел од нив ќе одат во странство, некои ќе ги посетат и нашите туристички капацитети. Агенциите им нудат неколкудневни аранжмани со автобуски и авионски превоз на традиционалните дестинации како Истанбул, Рим, Париз, Виена, Будимпешта, Прага. Има дури и аранжмани за Јордан. Дома неизбежни се понудите за Охрид, Маврово и Попова Шапка. Цените на аранжманите, и за дочек странство и за дома, се повисоки од ланските за околу 30 отсто.

Граѓаните, секој според сопствениот буџет, се организираат за дочекот на Нова година. Најмногу од нив велат дека ќе слават дома, други ќе одат во ресторани, а помал дел ќе уплатат за повеќедневно патување во странство.

– Се плашевме две пандемски години да одиме на дочек на Новата година. Сега велат е енергетска криза, но треба малку и да издишеме од сето ова. Годинава се одлучивме на едно поинтересно патување за Јордан. Цената сепак не е висока, во однос на домашните хотели и чини 586 евра по човек. Се надевам дека нема да има проблеми и ќе го реализираме – вели скопјанка.

Во странство до 600 евра за 3 дена за Нова година

Туристичките работници велат дека и годинава за реализацијата на турите од 15 или 20 патници за дочекот на Нова година во странство се чека до последниот момент, но очекуваат сигурно да ги реализираат.

– Има интерес, поголем од лани, но далеку под она што го имавме во 2019 година. Дводневни аранжмани само за Нова година имаме за Истанбул, Атина, Рим. Турите се пополнети до 70 отсто и ќе чекаме до 20 декември. Сигурен сум дека ќе ги реализираме, зашто кај нас е традиција граѓаните да носат одлука за патување во последен момент. За Божиќ вообичаено се останува дома и многу ретко се продаваат вакви аранжмани – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.

Асим Меџедовиќ, директор на туристичката агенција „Фибула Ер травел“, прогнозира дека и оваа сезона за туристичките работници ќе биде лоша. Поради високите цени на хотелското сместување, бројот на граѓани кои патуваат за зимските празници е незначителен, вели тој.

– Буџетот на граѓаните е лимитиран и тие веќе не патуваат цела година туку се фокусираат на едно подолго патување во текот на летото. Сакаат да ги искористат попустите од поевтините резервации кои се прават однапред. Зимава и за празниците, посебно за Нова година, по 2019 година не се чувствува како сезона која носи добри приходи. Аранжманите кои се продаваат се за 15 до 20 патници, а тоа не носи никакво подобрување на финансиската состојба на туристичкиот сектор, кој е во криза по 2020 година. Поради кризата со струјата и другите енергенси хотелите двојно ги зголемија цените. Скапа е и храната и превозот, а сето тоа прави аранжманите да бидат многу поскапи, што е проблем и за нашите граѓани – вели Меџедовиќ.

Според него, и годинава граѓаните кои одлучиле да патуваат во странство за Нова година ги одбираат стандардните дестинации Истанбул, Рим, Виена, Париз, Будимпешта и Прага.

Цените што ги нудат туристичките агенции се различни и се зависни од превозот. Две ноќи во Атина чинат околу 140 евра по човек, во Милано 179, а на Златибор 240 евра. Три ноќи во Истанбул чинат 149 евра, а на Азурниот брег 269 евра. Во Рим аранжман од 4 дена ќе ве чини 499 евра, додека за Париз ќе треба да издвоите по 359 евра за еден човек.

- Advertisement -
Ad image

Затворените хотели во Охрид ја кренаа цената за Нова година

Меџедовиќ вели дека не е подобра и состојбата со домашните туристички капацитети бидејќи се борат со високата цена на струјата, а владата воопшто не размислува да им помогне.

– Дел од хотелите на охридско-струшката ривиера затворија поради високата цена на струјата. Нема да работат ниту за празниците, бидејќи нема никаков ефект, ако работат тие 3 дена. И хотелот „Изгрев“, со кој стопанисуваме, е затворен. Не ни се исплатува да работиме 3 дена за Нова година. Струјата е скапа па со еден дочек на Нова година нема да може да се покрие ниту потрошувачката на струја во тие 3 дена – вели тој.

Другите хотели на оваа ривиера кои работат ги зголемија цените на аранжманите. Тридневен престој за Нова година во хотел во Охрид чини меѓу 250 и 396 евра по човек. Чудно е тоа што српски агенции, пак, нудат тридневен престој со дочек на Нова година во Охрид за 90 евра по човек.

- Advertisement -
Ad image

Во зимските центри  три  ноќевања со 2 свечени вечери во Маврово чини 160 евра, додека на Попова Шапка чини околу 96 евра по човек.

Дочекот на Новата година во скопските ресторани и кафулиња чини од 1.000 до 3.000 денари.

Share This Article