Кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи соопшти дека е „за жалење“ начинот на кој бил разрешен инцидентот со претседателката од 1 август, односно на прес-конференција на косовскиот премиер Албин Курти и неговиот македонски колега Христијан Мицкоски што се одржа вчера во Скопје.
Кабинетот на косовската претседателка соопшти дека споменатата конференција „уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово“, јави косовскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во целиот свет, затоа Претседателството очекува да биде информирано за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што е нагласено во протестната нота испратена од Р. Косово“, се наведува во реакцијата од Кабинетот на косовската претседателка.
Оваа институција соопшти дека го цени изразот на жалење за инцидентот од страна на македонскиот премиер, но додаде дека досега „институциите на Северна Македонија никогаш не се занимавале со прашањата покренати во протестната нота за кршење на меѓународните обичаи“ во однос на кон Република Косово и дека напротив, тие отворено и без никакво двоумење прифатиле такво прекршување.
„Нема потреба од дополнителни извештаи и истраги за каква било фактичка состојба, бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека таквото правило е намерно наметнато и покрај јасните барања на меѓународното право“, се додава во реакцијата.