Околу 1.100 севернокорејски војници се убиени или ранети во борбите против украинските сили, соопшти денеска Комитетот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја.
„Проценуваме дека севернокорејските војници, кои неодамна заминаа да се борат против украинските сили, имаат околу 1.100 убиени или ранети“, објави Комитетот.
Здружениот генералштаб на Јужна Кореја, исто така, забележал подготовки поради кои се верува дека Северна Кореја се подготвува да испрати нови војници во Русија, како засилување или да замени некои од оние кои пристигнале таму порано.
Разузнавачките податоци собрани од Јужна Кореја укажуваат дека Северна Кореја произведува и се подготвува да и испорача на Русија беспилотни летала што самоексплодираат, а исто така и снабдува Москва со ракетни фрлачи од 240 мм и самоодни пушки од 170 мм.
Војската на Јужна Кореја верува дека Северна Кореја се обидува да ги модернизира своите конвенционални воени способности со помош на Русија, потпирајќи се на нејзиното искуство во борбата против украинските сили.
„Ова може да доведе до зголемување на воената закана на Северот против нас“, соопшти јужнокорејскиот Генералштаб.
Илјадници севернокорејски војници беа испратени во Русија во последните недели за да ја поддржат руската војска, според извештаите на Западот.
Од друга страна, Кремљ секој пат избегнува прашања на оваа тема, а не сака да ја потврди оваа информација.
Врховниот командант на украинската армија Олександар Сирски на 17 декември изјави дека руската војска спроведува интензивни офанзивни операции во руската област Курск и активно ги користи севернокорејските воени единици и рече дека Севернокорејците веќе претрпеле големи загуби. ;
На почетокот на август Украина започна ненадејна офанзива врз руската област Курск. Таа сè уште контролира мал дел од територијата таму.