Имаме и ќе имаме доволно возачи на автобуси. Ова го тврдат од ЈСП „Скопје“ откако Плусинфо денеска обелодени дека наводно стотина вработени возачи во ова претпријатие наскоро ќе работат во Мајнц, Германија.
Од компанијата велат дека генерално, целиот текст е базиран на шпекулации и наводи од неофицијални извори, веројатно со единствена цел, да се наруши кредибилитетот на претпријатието и на актуелното раководство, кое и покрај сите затекнати услови и околности успева да го одржува претпријатието функционално, исто како и јавниот превоз.
„Одговорно тврдиме дека до денеска, ниту еден возач нема поднесено барање за отказ, ниту за неплатен одмор. Досега претпријатието го имаат напуштено неколкумина возачи и тоа по остварено право за пензионирање. ЈСП Скопје во моментов располага со доволен број возачи за непречено секојдневно одржување на сите линии од јавниот превоз. Шпекулациите кои Плусинфо зачестено ги објавува за нашето претпријатие и состојбите во него, нема да бидат пречка раководството заедно со Град Скопје да подлегне на истите. И овој пат имуни ќе останеме и на очигледните „извори“ од одредени политички кујни. Напротив, тие се и ќе бидат причина плус раководството да го консолидира претпријатието, за што досега бележи и позитивни резултати, а со тоа автоматски да го подобри и квалитетот на јавниот превоз во секој поглед“, пишуваат од ЈСП Скопје.
Инаку во текстот објавен денеска на Плусинфо, според најновите информации до кои дојдовме, до крајот на неделава возачите на ЈСП ќе заминат за Германија каде што им се ветени многу подобри услови за работа, како и плата петпати поголема од таа што ја земале во јавното претпријатие.
Плусинфо и претходно пишуваше за случувањата во ЈСП „Скопје“ и најавата за заминување на шоферите кои се незадоволни од условите за работа.
И во секој од нашите објавени текстови беше побарана информација и од ЈСП „Скопје“, но оттаму никогаш не добивме одговор, а потврдата за потребата од нови возачи го имаше самото претпријатие со објавувањето на огласот за вработување на шофери.
Дека во ЈСП „Скопје“, очигледно, не цветаат рози, Плусифо објави уште во март. Околу стотина возачи незадоволни од условите за работа одлучуваат да си заминат и да возат автобуси во меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај каде што платите се поголеми, но голем дел од нив, пак, изненадувачки, решаваат да заминат во Англија и да берат јагоди или да работат некоја друга сезонска работа.