Јавното обвинителство сѐ уште ги проверува наводите од кривичната пријава против поранешниот премиер Димитар Ковачевки, во врска со Државна лотарија, што пред 14 дена ја поднесе Министерството за внатрешни работи. Обвинителството ги проверува наводите и од пријавата против поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, за истото дело за кое е пријавен и Ковачевски. Сѐ уште не е поведена истрага, а кривичната пријава не е отфрлена како неоснована.
– Јавното обвинителство веќе извести дека кривичната пријава за ниту едно од наведените лица не е отфрлена. Во врска со предметите поврзани со „Државна лотарија“, Основното јавно обвинителство Скопје постапува по поднесените кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција и поведува постапки врз основа на сите обезбедени докази до овој момент. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат – одговори ЈО на прашањата од Плусинфо.
Министерството за внатрешни работи на 13 декември ги соопшти детаљите од кривичната пријава против 8 лица за проневера во Државна лотарија. Од нив, четворица државни службеници се во притвор, а претседателот на УО на Државна лотарија Прпетим Бајрами и поранешниот вицепремиер се во бегство. И за нив е определена мерка притвор. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувања, за примање поткуп и за други дела. Според пријавата на полицијата претседателот на УО на Лотарија им овозможил на правни лица од Скопје, Битола и од Белград да организираат игри на среќа без лиценца, а вицепремиерот Артан Груби, овозможил согласност од Владата за објавување на два јавни повика кои не смееле да ги објават.
И поранешниот премиер Ковачевски и поранешниот генсек на Владата Димовски добија пријава за злоупотреба на службената положба и овластување.
„Третопријавениот Д.К., како претседател на Владата, по претходен договор со првопријавениот П.Б., на 8.3.2022 година ја ставил на дневен ред и усвоил постапка за основање на трговското друштво Нова Државна видео лотарија – НОВО ВЛТ ДОО Скопје“, иако знаел дека материјалите не се разгледуваат на седница согласно Деловодникот за работа на Владата. Со ова овозможил друштвото да стекне право да приредува игри на среќа без лиценца и на одговорните лица им овозможил противправна имотна корист од 8.598.000 денари. Четвртопријавениот М.Д., во својство на генерален секретар на Владата и покрај тоа што знаел дека материјалите кои се доставени до Владата не се разгледуваат на седница на Владата, ја предложил како точка на дневен ред за разгледување информацијата во врска со постапката на основање на трите нови трговски друштва за приредување на интернет игри на среќа, и на тој начин со пречекорување на границите на своите службени овластувања им овозможил на одговорните лица на правни лица од Скопје и од Битола да се стекнат со значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 4.852.212 денари, а новоформираните правни субјекти од Битола и Скопје да остварат противправна имотна корист во големи размери во вкупен износ од 55.029.956 денари“, соопшти МВР на 13 декември.
Пред десетина дена ОЈО извести дека по сите преземени дејствија од сите надлежни институции до тој момент се обезбедени докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените 6 лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка.
„За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на владината седница на 6.6.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука, претседавал единствено сега осомничениот“, информираше тогаш ЈО.