Јавноста во САД е сомничава во однос на тоа зошто американските властите веднаш не го соборија кинескиот шпионски балон кој лебдеше на државата. Претседателот Џо Бајден на новинарите им рече дека уште од почетокот сакал да го собори леталото штом било регистирано дека балонот влегол во САД преку Канада, пишува Њузвик.
– Штом (балонот) дојде преку во Соединетите Држави од Канада, му реков на Министерството за одбрана дека сакам да го соборам штом е соодветно. Тие заклучија дека не треба да го собориме додека е над копно, дека тоа не е сериозна закана и дека треба да почекаме додека тој не биде над водена површина.
Балонот првично влезе на територијата на САД на 28 јануари во близина на Алеутските острови на Алјаска, пред да се пресели во канадскиот воздушен простор на одреден период, а потоа повторно да влезе на територијата на САД на 31 јануари.
Почнаа да се редат критики од аналитичарите и од новинарите.
„Ако администрацијата на Бајден била загрижена поради паѓањето на остатоците (од балонот), можеле да го гаѓаат уште додека бил над ретко населените Алеутски острови во Алјаска“, твитна републиканскиот претставник Енди Бигс во понеделникот.
„Не можеа ли да го забележат шпионскиот балон над Алеутските острови или над Алјаска? Не беше ли можна операција над Тихиот Океан?“, напиша Филип Вергман, новинар.
– Моја проценка беше дека овој балон не претставува физичка воена закана за Северна Америка. И затоа, не можев да преземам итна акција бидејќи балонот не демонстрираше непријателски чин или непријателска намера – изјавил генералот Ван Херк од НОРАД, воената команда за воздушна одбрана на Северна Америка.
Балонот беше соборен кај Миртл Бич во Јужна Каролина во саботата, а властите предупредија од можното паѓање на остатоци. Тој бил висок 60 метри, приближно колку дваесеткатница, а се шпекулира носел товар колку патнички авион.
Според кинеските власти, балонот извршувал метеоролошки мерења.