ЦИВИЛ денеска (14 април) ќе одржи панел дискусија и презентација под наслов „Зад димната завеса“, со почеток во 13 часот.
Учествува дел од тимот на ЦИВИЛ за мониторинг и анализи на дезинформациите и пропагандата во нашата земја и пошироко, во контекст на војната во Украина и други критични теми. Тие ќе дискутираат и ќе ги презентираат своите наоди за трендовите, темите, креаторите и дистрибутерите на дезинформациите и пропагандата. Настанот ќе се емитува во живо, на Фејсбук и Јутуб.
„Зад димната завеса“ е проект за медиумска и граѓанска акција против дезинформациите и пропагандата што го имплементира ЦИВИЛ – Центар за слобода. Проектот се фокусира на странската, антизападна пропаганда преку мониторинг, анализи и обелоденување на дезинформациите и пропагандата за критични теми, како што е агресијата врз Украина, евроатлантските интеграции и други процеси од круцијално значење за нашата земја.
Критичните процеси за земјата се мета на долготрајна пропаганда од истите, меѓусебно поврзани центри. Тие имаат една заедничка цел – поткопување на владеењето на правото, демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Затоа, ЦИВИЛ ќе преземе серија сеопфатни активности да се спротивстави на тие тенденции.
Активностите во проектот вклучуваат специфична комбинација од продукција на вести и објавување ставови, проверка на факти и обелоденување на дезинформациите и пропагандата.
Проектот подразбира секојдневно објавување на релевантни вести, анализи и ставови, неделни јавни настани и презентации, соработка со релевантни граѓански организации, директна комуникација со граѓанките и граѓаните, соработка со локалните медиуми и со други засегнати страни.