Љупчо Јаневски вчера поднесе оставка од функцијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ). Тој својата одлука ја соопшти во интервју за МИА во кое појаснува дека оставката ја поднел од лични причини. Лидерката на ДОМ Морачанин, пак, за медиумите изјави дека тој е сменет од директорската позиција по барање на ДОМ.
Владата на негово место ја постави за в.д. директорка Јасмина Лескаровска.
Јаневски во интервју за МИА направено пред оставката вели дека поднел оставка од лични причини.
– Им заблагодарувам на вработените во Агенцијата и на туристичкиот сектор за соработката во изминатите пет и пол години. Мислам дека успеавме од заборавена агенција да изградиме институција со реноме во години со голем број предизвици. Секогаш сум се залагал за професионални кадри на вистински места и тоа сум го покажувал со сопствен пример, преку мојата работа, труд и залагање. Македонија мора да оди напред зашто, каква држава ќе изградиме, во таква држава ќе живееме – вели Јаневски.
Тој забележува дека туризмот во земјава не се третира еднакво со останатите економски гранки, а еден од показателите за тоа е повторно намалениот буџет на Агенцијата. Во 2024 година очекува донесување на стратегијата за туризмот, прераснување на Агенцијата за туризам во министерство, создавање туристичка инспекција и туристичка полиција, како и дигитализација на секторот преку е-платформа која ќе овозможи, како што истакнува, реално планирање и објективни бројки, намалување на сивата економија и нов инвестициски циклус.
Лидерката на ДОМ Маја Морачанин, пак, за медиумите изјави дека владата го разрешила Јаневски по барање на ДОМ на седницата одржана на 26 декември и на негово место за в.д. директорка била избрана Јасмина Лескаровска
-Не разбирам која е потребата еден ден по смената, да објавиш на Фејсбук дека поднесуваш оставка – рече Морачанин во изјава за „360 степени“ во кој ја коментира објавата на нејзиниот сопартиец Љупчо Јаневски дека поднесува оставка од функцијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
Љупчо Јаневски стапи на функцијата директор во АППТ во февруари 2018 година.