Светскиот рекет број еден, Јаник Синер (Италија), ја освои наградата од 6 милиони долари на егзибицискиот турнир наречен „Сикс Кингс Слем“ во Ријад, Саудиска Арабија.
Синер во финалето го совлада Карлос Алкараз (Шпанија) со 6:7(5), 6:3, 6:3 за 2 часа и 21 минута игра. Нешто порано. Србинот Новак Ѓоковиќ го победи Шпанецот Рафаел Надал со 6:2. 7:6 (5) во мечот за третото место.
– Ривалството меѓу Синер и Алкараз го вади најдоброто од двајцата – изјави италијанскиот тенисер.
Тој додаде дека се надева дека тоа ќе трае долго.
– Се разбудив утрината обидувајќи се да смислам начини како да го победам. Ваквото ривалство, овој тип на натпревар, секогаш нѐ турка до 100% од нашите способности. Се надевам дека ова ривалство ќе трае што е можно подолго. Но, има уште толку многу големи играчи кои можат да настапат… Да видиме што носи иднината – прокоментира Синер во своето интервју по натпреварот.
Италијанецот и Шпанецот освоија по два Гренд Слема оваа година, а Алкараз го победи Синер во тешките мечеви во полуфиналето на Ролан Гарос и во финалето на турнирот во Кина. Тие играа меѓу себе 10 пати на АТП ниво, а 21-годишниот Шпанец победи на 6 натпревари, вклучувајќи ги и последните 3 натпревари.