Политичката партија Левица остро ги осудува, како што вели, лагите искажани на вчерашната прес-конференцијата на градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Јакимовски вчера предупреди дека поради блокирањето на Буџетот од страна на дел од советниците доведено е во сериозна опасност работењето на општината и давањето на услугите на граѓаните во Карпош. Со блокирањето на Буџетот, како што рече Јакимовски, директно се загрозува локалната власт.
„Од за нас непознати побуди, Јакимовски искажа низа неточни тврдења и лаги поврзани со последната седница од Советот на Општина Карпош. Советничката група на Левица преку поднесување на неколку предлози за програмите дејствуваше целосно конструктивно, а согласно барањата на жителите.
Благодарение на изгласаните предлози на Левица, Советот на Општина Карпош сега ќе има дополнителна алатка за спречување носење штетни детални урбанистички планови, а во однос на субвенционирањето на полагање на возачки испити, сега таа мерка добива на социјален карактер. Претседателот на Совет, Бранко Ристов постапува исклучиво согласно Законите, Статутот и Деловникот на Општина Карпош и е обврзан да ги почитува истите, без разлика дали тоа му се допаѓа на Јакимовски или не“ – се вели во соопштението на Левица.
Вработените во општинската администрација на Карпош, вчера протестираа бидејќи Советот на општината не успеа да го донесе Буџетот за годинава поради големиот број амандмани кои ги поднеле советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независни советници. Според нив, блокирањето на општинскиот Буџет повлекува низа сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош и тоа во најтешкиот и најдолгиот месец во годината.
Советничката група на Независни за Карпош со соопштение, како што се наведува, категорично го демантира обвинувањето за незаконско и несовесно работење на нивната советничка Невена Георгиевска, изнесено во име на вработените на општина Карпош на вчерашната прес конференција.
„Бараме јавно извинување, во спротивно ќе поднесеме тужба за клевета. Нашата советничка група не поднела ниту еден амандман на Буџетот на општина Карпош за 2024 година и се залагавме токму за спротивното, за надминување на проблемот помеѓу советничката група на ВМРО-ДПМНЕ (која поднесе скоро 4,000 амандмани на Буџетот, со цел за блокирање на Буџетот), градоначалникот и општинската администрација, сè со цел да може општината непречено да функционира, да се исплатат платите во целост на сите вработени во општинската администрација, училиштата и градинките, и да не се загрозат договорите на сите привремено вработени. Секое решение од оваа немила ситуација, согласно законите и прописите, го поддржуваме, како и до сега“ – се вели во соопштението на советничката група.
Состојбата во Советот на Општина Карпош ја коментираше и СДСМ со соопштение.
„Што им сметаат вработените во градинките и училиштата во Карпош на Мицкоски и ДПМНЕ?
Блокадите кои ДПМНЕ и Левица ги прават во општина Карпош целосно ја загрози работата на градинките, училиштата и администрацијата. Со блокирањето на носењето на Буџетот на последната седница на Советот, ја блокираа и одлуката за времено финансирање.
Со ова ДПМНЕ и Левица по налог на Христијан Мицкоски ги оставија без плати вработените и тоа сред празници, а загрозено е и целото функционирање на општината. Вработените во градинките, училиштата, администрацијата во Карпош, вработените кои се грижат да водоводите, хигиената, одржување на локалните институции не може да земат плата.
Дел од вработените протестираа пред општината затоа што се соочуваат за време на празници да останат без пари, да не можат да си ги платат сметките, ниту да одвојат средства за своите деца.
Тоа што го прават ДПМНЕ, Левица и Мицкоски не е политика, туку е предизвикување хаос, пакост, злонамерно и нечовечно казнување на работниците и граѓаните поради лични хирови на Мицкоски“ – се вели во соопштението на СДСМ.