Извршителите ги започнаа пресметките за наплата на затезна камата според новите усвоени законски решенија – се стопира наплатата каде износот на каматата го стигнал главниот долг. Но, во канцелариите на извршителите голем број на граѓани бараат застарување на долговите – како што предвидуваат измените на Законот за облигациски односи. Во пракса – ова решение е тешко спроведливо. Во најава е иницијатива пред Уставен суд за ретроактивноста која се предвидува со усвоените законски измени, пишува Порталб.мк.
Скопски извршител појаснува што значат новите законски решенија за должниците и за доверителите
-Ако за долг од 1.500 евра кој се провлекувал долг период, се наплатила камата во ист износ, автоматски запира натамошното пресметување на каматата и се преминува кон наплата на главниот долг. Според регулативата, извршителите најпрво ја наплатуваат каматата, па потоа главицата на долгот. Во предмети кои се водат долго време поради повеќе фактори како што се финансиска неликвидност на должникот, должник кој должи по повеќе основи, каматите достигнуваат износи блиски на главицата па и повисоки. Сега, долгот по основ на камата не смее да биде поголем од основниот долг – објаснуваат од канцеларијата на еден скопски извршител.
Новите законски решенија стапија на сила, а извршителите добиле насоки индивидуално да ги почнат пресметките и анализата за запирање на наплата на затезна камата во предмети каде таа го достигнала износот на основниот долг. Засега нема пресметка колку граѓани-должници ќе „куртулат“ од астрономските камати што досега им биле пресметувани и ги плаќале, но првичните анализи покажале дека од ваквото решение ефект ќе видат должниците по основ на неплатени комунални сметки кои се провлекувале со години.
Во однос на затезната камата состојбата е јасна, но хаос веќе има со решението за застарување на долговите – вели Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации и активисти за правата за граѓаните, кога се работи за присилна наплата на долгови.
-Има многу реакции од граѓани кои отишле на извршител за да регулираат застарување на долгови и не направиле ништо. Во Законот за облигациски односи има член со кој се скратува времето за застарување и за ретроактивност но има други законски одредби кои се косат со ова и извршителите не можат да постапат, значи направен е хаос. Размислувам да барам автентично толкување од пратениците за тоа колку во пракса е применлива ретроактивноста, односно дали воопшто може да се прогласи застарување на децениски долгови – вели Ристески.
И според извршителите кои ги консултиравме, проблематично ќе биде прашањето за периодот во кој ќе треба да се наплати вкупниот долг (камата и основица) и ретроактивноста.
– Има најави дека ќе се поднесе иницијатива пред Уставен суд за оценување на ретроактивноста која се предвидува со законското решение. Сега се утврди рок од 10 години во кој ќе треба да се наплати вкупниот долг, ова решение се однесува и за предмети кои се активни а кои доверители со години чекаат наплата на долг – која може да не ја дочекаат поради застарување, а рокот на застарување од 10 години се намали на пет години. Во исто време други законски одредби не дозволуваат да се постапи по новоусвоените – објаснуваат извршителите.
Рокот од 10 години за наплата на долг може да создаде и меѓу-компаниски проблеми. Има компании кои дод други фирми чекаат наплата со години, има и компании кои чекаат да наплатат долг од граѓани, а не можат, поради тоа што должникот должи по различни основи и се „чека“ ред за наплата. Сите овие ситуации кои се реални во пракса, според познавачите ќе отворат нови проблеми.
Новите законски измени веќе стапија на сила. Според владата, тие треба да го тргнат преголемиот каматен товар на граѓаните – должници, но и да се стави крај на предметите за долгови кои се активни долго време, во одредени случаи и со децении. Новите законски одредби се проблематични и за општините и за дел од јавните претпријатија. Првите во улога на должници кои ќе бараат „отпис на долгови“ по основ на застарување, што ќе значи дека компании-доверители ќе останат со празни раце, иако завршиле и испорачале услуги на општинските власти. Дел од јавните претпријатија, особено комуналните, може никогаш нема да ги наплатат побарувањата од страна на должниците.