Бројот на загинати во Израел од денешниот ненадеен напад на палестинската милитантна група Хамас се искачи на 70, соопштија од здравствените служби.
„Досега, 17.35 часот (локално време) има 70 загинати и стотици повредени – сериозно, умерено и лесно“, се вели во соопштението.
Хамас држи „заложници и воени заробеници“, изјави денеска портпаролот на израелските одбранбени сили, бригадниот генерал Даниел Хагари.
– Има заложници и воени заробеници кои Хамас ги држи. Има и смртни случаи меѓу војниците на ИДФ. Се уште немаме точна бројка – ние сме во војна – рече тој.
Палестинското Министерство за здравство во Газа денеска соопшти дека најмалку 198 луѓе се убиени и најмалку 1.610 ранети на територијата, во израелската одмазда откако Хамас го нападна Израел.
Тие извештаи се објавени откако Израел изврши бројни воздушни напади во Газа и се судри со вооружени лица на крајбрежните територии.
Израел нападна цели во Газа како одговор на денешните ракетни напади на палестински Хамас.
Ескалацијата на ситуацијата на Газа и ракетните напади наидоа на осуда цо светот, а дел од земјите во кои живеат Израелци го засилија обезбедувањето на објектите.