Израелски тенкови денеска влегоа во населба на периферијата на градот Газа, прекинувајќи ја главната патна врска меѓу северот и југот на истоимената палестинска територија, јави АФП, повикувајќи се на очевидци, пренесува Тајмс оф Израел.
Според цитираните извори, тенковите стигнале до влезот на квартот „Зајтун“.
– Го пресекоа патот Салахедин и пукаат во секое возило што се обидува да оди по него – изјавил еден жител.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) контраадмирал Даниел Хагари изјави дека војската „продолжува постепено“ во Газа како дел од копнената операција и дека имало „директен контакт“ со борците на Хамас.
Тој, исто така, предупреди дека активностите ќе „ескалираат“ и дека војниците се ставени во „висока готовност“ долж северната граница.
– Нашите активности и операции ќе продолжат и ќе ескалираат согласно фазите на војната. Ова е проширена копнена операција во Појасот. Копнените сили, тенковите, пешадиските сили, оклопните сили се движат кон терористите – рече тој.
А потоа додаде:
– Терористите се групираа во одредени области за да се обидат да целат на нашите сили, а ние ги нападнавме од воздух, така што успеавме да нападнеме и да целиме на 20 терористи. Има директен контакт меѓу копнените сили и терористите. Борбите се водат внатре во Појасот Газа.
Стотици пациенти се заглавени во болниците во северниот дел на Газа и физички е невозможно да се евакуираат кон југ, изјави шефот на агенцијата на ОН за палестински бегалци во областа.
Том Вајт од УНРВА го повтори она што го рекоа лекарите и другите добротворни организации – невозможно е да се преселат пациентите од болниците како Ал-Кудс во северна Газа. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека Израел им рекол да ја евакуираат болницата вчера, бидејќи воздушните напади одекнувале во близина.
– Луѓето се многу гладни, многу жедни и многу исплашени, а многумина живеат од парчиња леб и конзервирана храна што повремено успеваат да ги добијат – изјави Вајт.
Во меѓувреме Израел ги замрзна средствата за Палестинската управа. Министерството за финансии на Израел побара да од Владата да ја преиспита својата политика за трансфер на средства.