Израелскиот претседател Јицак Херцог им се извини на семејствата на заложниците кои се уште се во заробеништво на Хамас, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху се уште не го сторил тоа.
Израелскиот претседател Јицак Херцог во неделата им се извини на роднините на заложниците кои се уште се во заробеништво на движењето Хамас.
„Стојам пред вас како претседател на Израел и се извинувам“, рече Херцог за време на церемонијата во Ерусалим по повод годишнината од хебрејскиот календар од нападот на Хамас. Премиерот Бенјамин Нетанјаху допрва треба да го стори тоа.
„Жал ни е што не успеавме да ги одбраниме вашите најблиски, жал ни е што го прекршивме најфундаменталниот и обврзувачки договор меѓу државата и нејзините граѓани за да ги браниме нивните животи и безбедност“, рече Херког за време на церемонијата во неделата на комеморацијата на цивилните жртви на нападите на Хамас на 7 октомври минатата година, кои ја поттикнаа тековната војна во Газа.
„Сфаќам дека ништо не може да го излечи вашиот уништен свет“, рече тој. „Се што можам да направам е да ве прегрнам и да ви понудам поддршка од нацијата“, додаде тој.
Израелските сили ги игнорираа предупредувањата за можноста од ваков напад од големи размери. Премиерот ги призна грешките на безбедносните служби, но истрагата ја најавува дури по завршувањето на војната во Газа. Во исто време, за разлика од Херког, тој се уште не им се извинил на роднините на заложниците, истакнува германската новинска агенција dpa.
Во неочекуван напад врз Израел на 7 октомври минатата година, борците на Хамас убија околу 1.200 луѓе и заробија уште 250. Околу стотина од нив сè уште се во заробеништво. Неможноста на официјален Израел да ја заврши војната во Газа и да организира враќање на заложниците доведе до редовни и масовни протести во земјата.