Израелски воени авиони гаѓаа „терористичка инфраструктура“ во Сирија по нападот од Сирија врз анектираниот Голан, соопшти во неделата израелската војска.
„Како одговор на нападот на Голан вчера (сабота), воени авиони извршија напад врз терористичката инфраструктура во Сирија“, се вели во соопштението на израелската армија.
Во саботата израелската војска објави дека два проектила истрелани од Сирија паднале во ненаселените области на Голан, а се огласиле и сирените за предупредување за ракетен напад.
Израелската војска веќе изврши напад врз Сирија во петокот, откако беспилотно летало од Сирија се урна во училиште во Еилат, јужен Израел.
Израел освои дел од Голан во Сирија за време на израелско-арапската војна во 1967 година, а во 1981 година ја анектира таа територија, која Обединетите нации не ја признаваат.
Повторена размена на оган се одвива на границата меѓу Израел и Либан, каде што е активно либанското движење Хезболах.
Поради ова, Израел во саботата вечерта упати строго предупредување до Хезболах да не „игра со оган“ и порача дека главниот град на Либан, Бејрут, може да ја доживее судбината на Газа.
Израел ја засили опсадата на Газа по нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври, во кој, според Израел, загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа киднапирани во палестинската енклава.
Здравствените власти во Газа соопштија дека повеќе од 11.000 луѓе, од кои многу жени и деца, се убиени откако Израел ја започна својата операција во малиот крајбрежен појас со 2,3 милиони луѓе.