Израелски воени авиони го бомбардираа кампусот на Исламскиот универзитет во Газа
Израелската армија изврши воздушен напад врз Исламскиот универзитет во блокираниот Појас Газа, јавува Anadolu.
Зградите на кампусот на Исламскиот универзитет се уништени со интензивно бомбардирање на израелски воени авиони, објави палестинската официјална агенција ВАФА.
Вестите пишуваат дека никој не може да влезе во областа која по нападот е претворена во урнатини.
Ситуацијата ескалира во Појасот Газа по нападите на палестинската група Хамас врз израелските градови во саботата. Израел возврати со масовни воздушни напади врз Газа.
Повеќе од 2.100 луѓе се убиени во насилствата, меѓу кои најмалку 900 Палестинци во Газа и 1.200 Израелци од другата страна.
Израел, исто така, го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија во Газа, што неизбежно ја влошува и онака лошата хуманитарна ситуација.
Појасот Газа, дом на 2,2 милиони луѓе, веќе е под тешка израелска опсада од 2007 година.
Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA) доцна во вторникот соопшти дека повеќе од 175.000 луѓе во Газа се засолниле во 88 од нивните училишта.
Агенцијата наведува дека бројката се зголемува поради продолжувањето на израелските воздушни напади.