Војната во Израел доведе до првата „вселенска битка“ во историјата. Системот „Ароу“ го разви „Israel Aerospace Industries“ во соработка со израелските и американските одбранбени институции.
Војната во Израел доведе до првата „вселенска битка“ во историјата. Минатиот вторник беше објавено дека израелскиот систем за противракетна одбрана „Ароу“ за првпат собори балистичка ракета, во случајов истрелана кон Израел од јеменските Хути, на околу 100 километри над површината на земјата, пишува „Џерусалим пост“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нивните системи ја следеле траекторијата на ракетата и ја пресретнале „во најсоодветното оперативно време и локација“.
Како што пренесува британски Телеграф, проектилот бил пресретнат надвор од атмосферата на Земјата, односно во вселената.
Ракетата прелетала речиси 1.600 километри пред системот за противракетна одбрана да го собори. Има малку детали за инцидентот, но Телеграф пишува дека ракетата била погодена над официјалната граница на вселената, позната како Карман линија, која е 100 километри над површината на Земјата.
– Оваа операција беше трета во која цел беше Израел и ќе има повеќе – рече портпаролот на армијата на јеменските Хути, Јахја Сари во телевизиска изјава.
Тој истакна дека нападите ќе продолжат додека не престане „агресијата на Израел“, мислејќи на војната против Хамас во Појасот Газа.
По првичното предупредување за можен „упад на непријателски авион“, кој ги принуди жителите на туристичкото одморалиште Еилат да побегнат во засолниште минатиот вторник, израелската војска соопшти дека нејзините „системи идентификувале воздушна цел која се приближува до израелска територија“.
Системот „Ароу“ го разви компанијата „Israel Aerospace Industries“ во соработка со израелските и американските одбранбени институции и се смета за една од најнапредните технологии за одбрана од балистички ракети во светот.
Беше објавено дека ова е првата ракета од јеменските Хути која стигнала до израелска територија.
Израелскиот систем за противвоздушна одбрана „Ароу“, исто така, пресретна ракета со долг дострел на Хамас над пустината Негев во саботата навечер.