Рано утринава израелската армија погоди неколку десетици цели на исламистичкото движење Хезболах во регионот Бека во Либан, а либански извори соопштија дека четири лица се убиени во центарот на главниот град Бејрут. „Воените авиони на воздухопловните сили гаѓаа десетици цели на терористичката организација Хезболах во регионот Бека во Либан“, изјави портпаролот на израелската цивилна одбрана на Телеграм.
Тој додаде дека цел биле „десетици фрлачи и згради каде што се чува оружје“ и дека Израел ќе продолжи со интензивните напади врз воените објекти и инфраструктурата на Хезболах во Либан.
Либански безбедносен извор изјави дека најмалку четири лица се убиени денеска во напад на израелски дрон во Бејрут, прв во центарот на либанската престолнина по нападот на палестинскиот Хамас во Израел на 7 октомври минатата година.
Најмалку 105 лица загинаа, а 359 се повредени во вчерашните израелски напади, соопшти либанското Министерство за здравство.
Проиранскиот Хезболах почна да истрела ракети кон северен Израел на 8 октомври, како поддршка на Хамас, кој води војна против Израел во Појасот Газа.
Израелската армија ги засили бомбардирањата во Либан на 23 септември за да овозможи враќање на раселените лица во северен Израел.
Либанскиот премиер Наџиб Микати изјави дека речиси милион луѓе ги напуштиле своите домови и избегале од израелските бомбардирања.