Израелската армија повика илјадници резервисти да се приклучат во војната со Хамас. Досега, според информациите на медиумите, се јавиле околу 360.000 резервисти. Меѓутоа, во центарот на оваа масовна мобилизација, некои војници му поставија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тешко прашање: „Каде е твојот син?
Според пишувањата на медиумите, Јаир Нетанјаху кој има 32 години е на Флорида од април, информација што налути многу војници.
– Јаир ужива во својот живот во Мајами Бич додека јас сум на фронтот. Ние сме тие што ги напуштаат нашите работни места, нашите семејства, нашите деца, за да ги заштитиме нашите семејства дома и земјата, а не луѓето кои се одговорни за оваа ситуација. Нашите браќа, нашите татковци, нашите синови, сите одат на бојното поле, но Јаир сè уште не е тука. Тоа не помага во градењето доверба во раководството на земјата – цитира Тајмс еден војник, волонтер кој служи на северниот фронт на Израел.
Друг резервист, кој се врати во Израел од САД, оставајќи ги зад себе својата работа и семејството, исто така ја изрази истата загриженост.
– Нема шанси да останам таму и да ја напуштам мојата земја, мојот народ, во овој момент. Каде е синот на премиерот? Зошто не е во Израел? Тоа е моментот што најмногу не обединува како Израелци во нашата понова историја и секој од нас треба да биде тука во моментов, вклучително и синот на премиерот – рече тој.
Јаир задолжителниот воен рок го поминал работејќи во единицата на портпаролот на ИДФ, наместо да преземе борбена улога.
Израелските граѓани се обврзани да служат војска кога ќе наполнат 18 години, при што мажите служат 32 месеци, а жените 24 месеци.
По првичната служба, многу поединци може да бидат повикани да служат во резервите до возраст од 40 или повеќе години, особено во случај на национална вонредна состојба, за време на која тие можат да бидат распоредени заедно со редовните трупи во време на конфликт.