Три лица загинаа, а 87 се ранети во израелски воздушни напади врз јеменското пристаниште Худаида, јави телевизијата Ал Масира, повикувајќи се на јеменското Министерство за здравство.
Израелски воени авиони нападнаа воени цели на Хутите еден ден откако беспилотно летало лансирано од Хутите го погоди израелскиот економски центар Тел Авив. Повеќето од ранетите претрпеле тешки изгореници во воздушните напади чија цел биле нафтени постројки и електрана, објави главната телевизија на Хутите.
Жителите на пристаништето Худаида телефонски за Ројтерс изјавиле дека експлозии се слушнале низ градот, а телевизијата Ал Масира јави дека силите на цивилната одбрана и пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот на пристаништето.
Портпаролот на израелската војска рече дека Хутите го користеле пристаништето за да примаат пратки со оружје од Иран и дека целта била енергетската инфраструктура. Израел ги информираше своите сојузници пред нападот на борбените авиони Ф-15.
Саудиска Арабија соопшти дека не е поврзана со нападот на пристаништето Худаида. „Нема да дозволиме ниту една страна да се инфилтрира во нашиот воздушен простор“, рече портпаролот на Министерството за одбрана, Турки ал Малки.