Израел состави систем на големи пумпи што може да ги искористи за да ги поплави тунелите на Хамас под Појасот Газа со морска вода, пишува Волстрит Џурнал. Весникот се повикува на извори од американските власти според кои ова е тактика што може да ги уништи тунелите и да ги избрка борците од нивното подземно засолниште, но и да го загрози снабдувањето со вода во Газа.
Написот вели дека овие големи пумпи биле монтирани уште околу средината на минатиот месец, а ги монтирале Израелските одбранбени сили (ИДФ).
„Секоја од најмалку пет пумпи може да црпи вода од Средоземното Море и да придвижува илјадници кубни метри вода на час во тунелите, поплавувајќи ги за неколку недели“, пишува весникот.
Службеници за Волстрит Џурнал рекле дека „Израел првпат ги информираше САД за оваа опција на почетокот на минатиот месец, што поттикна дискусија за мерење на нејзината изводливост и ефект врз животната средина против воената вредност за онеспособување на тунелите“.
Понатаму, се вели дека американските власти изјавиле дека не знаат колку е блиску израелската влада до спроведувањето на планот. Израел не донел конечна одлука да продолжи напред, ниту го отфрлил планот.
Според текстот во САД имало мешана реакција на овој план на Израел. Во меѓувреме, Израел веќе знае за 800 тунели, но мрежата е поголема од тоа.
Според некои информации од почетокот на војната, вкупната должина на тунелите е 500 километри.
Меѓу многуте прашања кои се поставуваат е и дали Израел ќе дозволи поплавување ако претходно не бидат евакуирани сите израелски заложници?
Лице запознаено со планот за Волстрит Џурнал изјавило дека поплавувањето на тунелите еднаш неделно ќе овозможи да се иселат борците на Хамас, но и заложниците.
– Не сме сигурни колку ќе биде успешно пумпањето бидејќи никој не ги знае деталите за тунелите и земјата околу нив. Невозможно е да се знае дали тоа ќе биде ефективно бидејќи не знаеме како ќе истече морската вода во тунелите во кои никој досега не бил – изјавило лицето.
Статијата вели и дека со оваа операција Изразел размислува да ја реши дилемата околу тоа како да ги постигне своите воени цели, а притоа да одолее на притисокот за заштита на цивилите во Газа, притисок кој постојано доаѓа од меѓународната заедница.
Вообичаено, воените сили задолжени за чистење тунели, вклучително и Израел, користат кучиња и роботи за да проверат дали има закани или да бараат заложници пред да испратат копнени војници, рече Мик Малрој, поранешен заменик-помошник секретар за одбрана и офицер во Маринскиот корпус и ЦИА.
Тој вели:
– Кучињата се најефективни, но треба да бидат следени од војници за да ги расчистат тунелите. Роботите се движат бавно и се кршат. А користењето луѓе е ризично.
Користењето на вода во текот на долг период ќе ги принуди борците на Хамас да излезат, додава Малрој.
Но, „ако ја посолите водата, тоа може да ја влоши хуманитарната криза“, рече тој.
Египет во 2015 година ја користеше морската вода за да ги поплави тунелите со кои управуваа шверцери под граничниот премин Рафа со Газа, што предизвика поплаки од околните земјоделци за оштетените култури.