Изборите во САД нема да влијаат на егзистенцијата на Иранците, изјави портпаролката на иранската влада, Фатемех Мохаџерани, откако Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори.
Западни и арапски претставници изјавија дека Трамп можеби повторно ќе ја спроведе својата „политика за максимален притисок“, со заострување на санкциите за иранската нафтена индустрија. Покрај тоа, како што пренесуваат странските агенции, „Трамп би можел да му даде зелено светло на Израел да ги нападне иранските нуклеарни постројки и да изврши целни убиства во Исламската Република“.
– Изборите во САД не се наша работа. Нашите политики се стабилни и не се менуваат во зависност од поединци. Веќе ги направивме потребните прогнози и нема да има промена во егзистенцијата на луѓето – истакна Мохаџерани.
За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече САД од договорот од 2015 година меѓу Техеран и големите светски сили за ограничување на иранската нуклеарна програма, во замена за економско олеснување.
Во 2018 година Вашингтон повторно воведе санкции кон Техеран, што влијаеше на извозот на нафта на Иран, ги намали државните приходи и ја принуди владата да прибегне кон непопуларни мерки како што се зголемување на даноците и големи буџетски дефицити.