Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави денеска дека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва е „персона нон грата во Израел“ откако го спомна Адолф Хитлер додека ја осуди израелската воена кампања во Појасот Газа.
„Она што се случува во Појасот Газа и со палестинскиот народ не постои во ниту еден друг историски момент. Всушност, постоеше кога Хитлер одлучи да ги убие Евреите“, изјави бразилскиот претседател за време на неговата официјална посета на Етиопија во неделата – пренесоа израелските медиуми.
По таа изјава, министерот Кач го покани бразилскиот амбасадор во Израел, Фредерик Мајер, да протестира во Меморијалниот центар на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим и му рече дека го донел на „место кое повеќе од се сведочи за тоа што нацистите и Хитлер им направи на Евреите“.
„Споредувањето на праведната израелска војна против Хамас со злосторствата на Хитлер и нацистите е срам и сериозен антисемитски напад. Во име на граѓаните на Израел, информирајте го претседателот Лула дека е персона нон грата во Израел додека не се извини и не ги повлече зборовите“, изјави шефот на израелската дипломатија.
На состанокот не присуствуваше претседателот на Јад Вашем, Дани Дајан, но претходно изјавата на бразилскиот претседател ја оцени како „екстремно искривување на холокаустот“ и „срамна“ и рече дека изјавата потекнува „од ужасна комбинација на омраза и незнаење“.
Дајан алудираше на фактот дека Бразил е набљудувач во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) и треба да стане членка, и рече дека изјавата на Лула е „јасно антисемитска“ и дека „жалосно е што лидерот на една земја се наведнува толку ниско“.