Либанското шиитско движење Хезболах презеде одговорноста за ракетно-артилерискиот напад врз областа Шаба, окупирана од Израел, наведувајќи дека дејствува „во солидарност“ со палестинскиот народ.
Во писмената изјава, Хезболах тврди дека нападот биле насочени кон три пунктови, вклучително и „радарска локација“ во Фармите на Шаба, територија окупирана од Израел во 1967 година.
Хамас по вчерашниот масовен напад врз Израел ги повика сите Палестинци и другите поддржувачи да се вклучат во вооружената борба.
Израелската армија претходно денеска соопшти дека гранатирала област во Либан од каде претходно беше нападнат Израел.
Ракетите паднале во спорната област на планината Дов на границата со Либан. Нема информации за евентуални жртви и причинета материјална штета.
– Израелските одбранбени сили (ИДФ)) преземаат подготвителни мерки за овој тип на можности и ќе продолжат да дејствуваат во сите региони кога е потребно за да се осигури безбедноста на израелските цивили – се истакнува во соопштението на израелската армија.
Хамас и други палестински организации вклучени во вооружената борба со Израел се присутни и во Либан.
Најмалку 300 луѓе загинаа, а над 1.590 се повредени во големиот напад на Хамас од Појасот Газа врз Израел. Додека во израелската операција загинаа 232 лица, а речиси 1.700 се повредени.