Изложбата на цртежи под наслов „Комплицирано е“ на Кирчо Арсовски од Куманово, лидерот на бендот ТБ Трачери, ќе биде отворена утревечер (20 јануари) во 21:00 часот во бар „Нагоре“ во Струмица, во реализација на Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“.
Ова е втора изложба од проектот „Ѕид на уметноста“ во кој струмичани ќе имаат можност да се запознаат со уште еден од уметниците во Македонија кои создаваат авангардна и неконвенционална уметност.
Изложбата ќе биде продажна, ќе трае 30 дена, а на неа ќе бидат претставени 30 дела. Самиот проект има за цел да претстави уметници од државата кои создаваат минијатури, цртежи, графики, кроки скици и дела со помал формат, кои не секогаш успеваат да бидат презентирани во поголеми простори или галерии.
– Оваа субкултурна уметност заслужува внимание исто колку и секоја друга форма на изразување, затоа што нема цел да биде запаметена, особено од оние кои ги пишуваат страниците на историјата на уметноста, но истовремено носат пораки кои треба да бидат видени и препознаени – изјавуваат организаторите на изложбата.