Вечерва во 20 часот на сцената на Домот на културата во Битола ќе се изведе кореографијата „Котел“ на Скопје танцовиот театар и студентие на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Во 19 часот ќе се отвори изложбата на еден од најдобрите македонски костимографи Благој Мицевски под наслов „Опера/Драма/Балет“ како одраз на соработката на Мицевски со тројца автори: режисерот Диего де Бреа, Словенија, режисерот Џон Блондел, САД и со кореографката Рисима Рисимкин. Во чест на изложбата од 20 часот ќе се изведе короеграфијата „Котел“ каде што потписник на костимите е Благој Мицевски. Настанот е поддржан од Општина Битола и е дел од манифестациите кои се одржуваат по повод одбележување на Денот на ослободување на градот Битола, 4 ноември.
Кореографијата „Котел“ е создадена во 2018 години од кореографката Рисима Рисимкин за Скопје танцовиот театар и премиерно изведена на Танц фест Скопје. Оваа кратка кореографија, на музика на Тони Китановски, со костимите на Благој Мицевски е оценета како извонредно достигнување и е селектирана на повеќе светски фестивали, меѓу кои „Holland Dance Festival“ во Хаг, Холандија, „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД и „Меритајм силк фестивал“ во Чуанџо, Кина. Кореографијата со огромен успех е изведена на сите странски фестивали, но и многупати во Скопје и низ Македонија.
Соработката на кореографката Рисимкин и Благој Мицевски датира од 1993 година, а од 1996 година интензивно соработуваат на скоро сите нејзини кореографии. Заедно имаат остварено преку 30 проекти, кои патуваат низ целиот свет. Посебно значајно е гостувањето кое Рисимкин и Скопје танцовиот театар го остварија во март 2022 година, кога беа дел од сезоната на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција со претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, која париската критика ја нарече брилијантна и софистицирана, а Рисимкин како извонреден авангарден кореограф.
Во „Котел“ на сцената на Домот на културата во Битола, вечерва, ќе настапат членовите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска и Бобан Русески, како и студентите на Катедрата за современ танц, при универзитетот „Гоце Делчев“: Сара Димовска, Викторија Коцева, Стефани Шаршмит, Клара Христова и Микаела Ангела Глигорова.
Работата на Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје. Студентите на Катедрата за современ танц при УГД својата пракса ја изведуваат во професионалните продукции на Скопје танцовиот театар.