Тврда изјава на портпаролка на Територијалните одбранбени сили на Украина и Американка по националност ги разбуди емоциите во Русија. Нејзината изјава руските медиуми и пропаганда ја нарекоа „смртна закана од трансродова жена“. Сара Ештон-Сирило во објава на социјалната мрежа Х, рече дека сите руски пропагандисти ќе бидат „уловени и фатени“.
– Сите руски пропагандисти и воени злосторници ќе бидат уловени и фатени и правдата ќе биде задоволена како што ние во Украина се водиме на оваа мисија од верата во Бог, слободата и целосното ослободување – вети таа.
Сара работела како новинарка во САД и била дел од тамошната десничарска група „Горди момчиња“. Таа го навлече вниманието на себеси во 2021 година кога заедно со „Гордите момчиња“ планирале да направат протест на Републиканците како револт против изборните резултати од претседателските избори од 2020 година кога Џо Бајден го победи Доналд Трамп.
Сара пристигнала во Украина следната 2022 година во март, кога војната тукушто изби. Служела како воена дописничка, претставничка во преговорите за помош, цивилна аналитичарка во Министерството за одбрана и како воена медицинска сестра.
Нејзината изјава за руските пропагандисти беше сериозно сфатена од страна на Валери Фадеев, претседател на рускиот претседателски совет за човекови права. Според него, се чини дека забелешката е „закана за убиство или сериозна телесна повреда“, а со тоа и кривично дело според рускиот закон, рече тој во четвртокот.
Меѓу другото во обраќањето на Сара на Твитер таа вели:
– Следната недела, забите на руските ѓаволи ќе чкртаат уште посилно, а нивните бесни усти ќе се запенат во неконтролирано лудило додека светот ќе види како омилениот пропагандист на Кремљ ќе плаќа за нивните злосторства.