Владата на СДСМ и на ДУИ на заминување, на улица остава околу илјада вработени во јавните здравствени установи, обвини Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
– Станува збор за лица специјализирани од сите области, односно за здравствени работници кои професионално и пожртвувано биле посветени и имаат дадено огромен придонес во јавното здравство и во третманот на пациентите.
Токму континуираната негрижа за кадарот и несоодветните услови за работа во комбинација со лажните и манипулативни ветувања придонесе во одредени здравствени институции да се затворат цели оддели да елементарни примери за негрижа за кадарот бидат затворање на пунктови на Итната медицинска помош, намалување на капацитетот на лабораториите, намалување на капацитет и кај вакциналните пунктови и низа други служби со што значително се отежнува пристапот до здравствените услуги – рече Николов.
Тој посочи дека овие лица се известени од менаџерите на јавните здравствените институции повеќе да не доаѓаат на работа. Тој цитираше вибер-порака од Владата испратена до директорите на здравствените установи во која се вели: „почитувани колеги, како што сте информирани, до сега не ја добивме согласноста за договорите на дело, треба да ги известите вработените со договор на дело повеќе да не доаѓаат на работа”.
Со тоа здравствените работници со договор на дело во Здравствениот дом Скопје и на повеќе клиники и болници останаа без своите работни места.
– Јавно прашуваме кој е конкретно тој, со име и презиме, што со една порака ги остава на улица здравствените работници? Зошто се чекаше последен момент предизборно да се најави решавање на статусот на вработените со договор на дело иако беше јасно и предупредивме дека овие ветување се нереални и манипулативно најавени? Како се дозволи душегрижниците од власта за се друго да изнајдат средства, освен за тие кои спасуваат човечки животи за кои што се тактизираше до последен момент. Во пет минути до дванаесет и во последен момент со една вибер порака ги оставаат луѓето на улица – рече Николов.
Според него, јасно е дека оваа пораката им ја праќаат СДСМ и ДУИ на медицинските лица, условно кажано, како заслуга за пожртвуваноста и нивните натчовечки напори да се справат со секојдневните предизвици во здравствениот систем.
– Уште кога ветуваа предупредувавме дека станува збор за манипулација на овие лица и дека е една од многуте предизборни лаги сега се потврди – рече Николов.