Лидерот на Демократското движење Изет Меџити во изјава за ТВ Топ-чанел најави дека коалицијата „Европска лига за промени“ наскоро ќе формира своја пратеничка група.
– Наскоро ќе ја официјализираме и пратеничката група на опозицијата во Собранието. Во моментов сме шест пратеници и гледаме дека владетелите се засрамени – рече Меџити.
Тој додаде дека еден член во ДИК треба да ѝ припадне на албанската опозиција, но власта ја одбегнува таа обврска.
– Сега почнаа ова место во ДИК да ѝ го даваат на Алтернативаа, а не нам, за да не бидеме застапени во ДИК. Тоа покажува дека власта се подготвува за нефер избори и манипулации бидејќи го чувствува претстојниот пораз – рече Меџити.
Тој ја обвинува владата дека го злоупотребува европското знаме за да ја прикрие корупцијата и ги коментираше проблемите со евроинтеграцискиот процес во земјава.
– Потенцираме дека проблемот со евроинтеграциите е на македонска страна, бидејќи Албанците од сите анкети се за евроинтеграции и тоа е проблем во македонскиот политички табор, кој тие мора да го надминат – истакна Меџити.