Не ми се допаѓа тоа што многу политички експонирани личности се пријавија на интервјуата за избор на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), изјави претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, која денеска беше во основното училиште „Гоце Делчев“ во Штип во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“.
Мандатот на актуелниот состав на Комисијата завршува на 7 февруари 2024 година и согласно законот немаат право на повторен избор, ниту на продолжување на мандатот до изборот на нова Комисија.
-Тоа ми е една забелешка. Инаку не ги познавам сите луѓе што се пријавија, нивна работа е сами да се претстават и да си го одржат она што ќе го кажат во нивното претставување, но сепак ќе кажам дека ми пречи тоа што имаше многу политички експонирани личности, кои се пријавуваат да бидат членови на едно сосема независно тело. Значи ние, кога се пријавивме и нѐ избраа, бевме сосема растоварени од политика – вели Ивановска.
Таа се надева дека Комисијата за селекција нема да трпи политички влијанија ниту да избира такви ликови.
Прашана дали имале некакви политички притисоци, Ивановска вели дека притисоците на се одвиваат на јавна сцена бидејќи нивните седници се јавни.
– Јавно се одржани, што во живо со новинари, после почна короната, па на зум, па секоја седница можете да ја најдете јутуб канал итн., што значи сѐ е достапно. Така што да не речам и притисоците, ама ете да речам притисоци од сите тројца премиери ги доживеавме, ама на отворена сцена. Значи не сме имале нешто да нѐ кочи, да ни се јавуваат итн. и да ни прават притисок, бидејќи јас уште на почеток кажав, доколку се случи такво нешто има член во законот, којшто нас ни овозможува да разговараме и да го известиме Собранието дека имаме притисок и да си побараме заштита од Собранието. Така што сѐ си е уредено, само треба да се испочитува – вели Ивановска.
Таа забележува дека вработувањето во државните институции е поврзано со политички врски, непотизам, кронизам, трговија со влијание и дека сето тоа е исплеткано. Ивановска реагира што веќе петта година по ред не се носи Законот за административни службеници и за вработените во јавен сектор и за високораководната структура. Таа смета дека овие закони треба да се донесат, но дека очигледно партиите не можеле да се договорат по ова прашање.