Познат лек се повлекува од пазарот поради контаминација бидејќи во него биле пронајдени траги од друга активна супстанција.
Според Агенцијата за лекови, станува збор за лекот Сабрил 500 мг од активната супстанција вигабатрин, кој се користи за лекување на епилепсија кај деца. Но, покрај вигабатрин, лекот ја содржи и супстанцијата тиаприд, која лекува разни психози и е декларирана како антипсихотик, односно седатив или некој вид на смирувач.
Проблемот со повлекувањето на лекот „Сабрил“ е што на хрватскиот пазар нема други лекови со активната супстанција вигабатрин, па е започната итна постапка за увоз. Лекот го произведува фармацевтската компанија Санофи.
„Феникс Фармација и Медика, дистрибутери на лековите таблети Сабрил 500 мг и кесички Сабрил 500 мг (вигабатрин), во соработка со Агенцијата за лекови, ги повлекуваат сериите 2006Б и 2987А од овие лекови. Повлекувањето се врши до ниво на аптека.
Постапката за повлекување се заснова на дефект на квалитетот поврзан со контаминација на активната супстанција вигабатрин, при што се откриени траги од друга активна супстанција идентификувана како тиаприд, пренесува Даница.
Откриените количини на тиаприд се значително пониски од максимално дозволената дневна доза, меѓутоа, потенцијалните безбедносни ризици за пациентите се однесуваат на можните несакани ефекти на активната супстанција тиаприд.
Бидејќи во Хрватска не е пуштен во промет лек со активната супстанција вигабатрин, споменатите лекови се набавуваат по постапка на вонредно воведување врз основа на изјава на здравствената установа за потреба од набавка на лекот или за неопходни случаи на лекување на индивидуален рецепт.
Пациентите треба да се јават кај својот лекар или фармацевт во случај на какви било прашања во врска со тековната терапија“, соопштија во петокот од Агенцијата за лекови.