Комисијата за помилување составена од шест членови попладнево се состанува со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во претседателската вила на Водно. Средбата следи по жестоките реакции во јавноста околу неколку имиња кои се најдоа на листата на помилувани по повод празникот „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба“, дознава Гласот на Америка на македонски јазик.
Акиф Равмановски еден од водачите на криминалната група „Барон“ од скопски Чаир после еден ден откако беше помилуван повторно се најде зад решетки.
Тој денес беше пуштен од затворот „Идризово“ каде издржуваше казна од 1 година и три месеци заради нелегално поседување на оружје бидејќи беше помилуван од претседателката Сиљановска Давкова и казната беше заменета со условна. По пуштањето тој е веднаш уапсен.
Равмановски се сомничи за обид за убиство во инцидент кој се случи пред десетина дена во скопски Чаир каде беше застрелан член на ривалскиот клан од селото Грчец, инаку баран со меѓународна потерница.