По големата меѓународна истрага на повеќе полициски служби, што траелa повеќе од една година, италијанската полиција заплени 4,3 тони кокаин, чија улична вредност се проценува на околу 240 милиони евра, со што му е зададен тежок удар на колумбискиот Заливски клан, соопштија денеска истражителите.
Полицијата соопшти дека оваа акција, што претставува една од најголемите заплени на наркотици во Европа, е кулминација на меѓународната истрага што резултирала со налог за апсење на 38 лица во шест земји: Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Холандија и Колумбија, пренесуваат британските медиуми.
Истрагата траела повеќе од една година и ги опфатила колумбиското правосудство и државната безбедност на САД, а освен кокаин полицијата запленила и 1,85 милиони евра во кеш.
Колумбиските власти во ноември минатата година соопштија дека се фокусирани на разбивање на Заливскиот клан, чија криминална мрежа се протега во 28 земји низ светот, а се почнало откако во октомври бил уапсен шефот на групата „Даира„“, Антонио Усуга, попознат како „Отониел“.