More

    Италија се залага Македонија да влезе во ЕУ што побргу, истакна Тајани

    spot_img

    Ќе бидеме афирмативни и ќе работиме во духот на добрата верба со сите наши соседи, а примарната наша цел е да бидеме фокусирани на домашните реформи, владеење на правото, борбата со корупцијата и сето она што е потребно доколку сакаме автентично да го трансформираме нашето општество однатре, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на заедничката прес-конференција со италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани.

    Муцунски посочи дека доколку постои добра волја од страна на земјите – членки на Европската Унија, нема предизвик на којшто не може да се најде решение, додека, пак, во врска со моделот на одложена примена на уставните измени, тој рече дека смета дека не се потребни промени на преговарачката рамка и на заклучоците на Советот на ЕУ.

    – Не го делам целосно ставот дека за моделот на одложена примена на уставните измени се потребни промени на преговарачката рамка и на заклучоците. Тоа е прашање на правно толкување, јас сум застапник на ставот дека тоа може да се направи без никаква промена – рече министерот Муцунски.

    Целта е, додаде, земјава да обезбеди предвидлив пат кон европските интеграции и второстепено да ја заштити и политиката на проширување на вредности и принципи.

    – Имаме за цел прво да имаме предвидлив пат кон европските интеграции, а второстепено да ја заштитиме и политиката на проширување на вредности и приципи. Колку и да делувам репетитивен, ќе го повторувам тоа. Сметам дека со овој пристап на одложни примени, првин како и секоја влада го штитиме нашиот национален интерес, повторно како влада да не бидеме понижени, да не бидеме доведени во ситуации какви што бевме доведени од нашите соседи, а второстепено да обезбедиме дека патот напред кон полноправно членство ќе биде врз основа на стандарадите и критериумите – подвлече министерот Муцунски.

    Неговиот италијански колега, Тајани, нагласи дека Италија, заедно со Европската Унија, работи за Северна Македонија да биде ефективен член на Европската Унија во што е можно пократко време. Тој порача дека неговата посета не е само формална, туку е јасна порака за вложувањето на Италија за забрзување на пристапувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

    – Со министерот ќе се сретнеме повторно во Њујорк на средбата „Пријатели на Западен Балкан“. Тоа е показател дека Италија верува во регионот и силно го поддржува… Северна Македонија е многу важна, земја пријател на Италија. Сакаме да го зголемиме присуството на италијанските претприемачи. Пред да слетам се сретнав во претприемачи кои сакаат да инвестираат во Северна Македонија и им кажав дека има многу можности за инвестирање и дека оваа Влада сака и ќе ги поддржи инвеститорите – порача Тајани.

    Прашан дали Италија ќе поддржи промена на преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ, Тајани рече дека се дискутира на оваа тема и дека ќе ги причека предлозите и информациите на Република Северна Македонија.

    – Дискусиите се во тек, треба да се најде и договор со Брисел. Ние секако го поддржуваме дијалогот и од стратешки аспект ќе продолжиме да го поддржуваме пристапувањето на Република Северна Македонија во што поскоро време. Секако, договарањето е помеѓу двајца. Северна Македонија испрати важни пораки за да одговори на барањата на Европа, така што, Република Северна Македонија ќе одлучи како да продолжи во дијалог со Брисел бидејќи ние секогаш сме за дијалог и дијалог на секој можен начин. Меѓутоа, одредени барања треба да бидат почитувани, но и технички-правно да има конфронтација помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ сигурно ќе се најде одредено решение. Добро кажа министерот, дека пред секоја пречка има решавање, а тоа е пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ – изјави Тајани.

    Прашан за „неговата мисија“ во Западен Балкан и која е неговата идеја, како министер за надворешни работи, по посетите на Црна Гора и на Северна Македонија, за тоа колку земјите од Западен Балкан сакаат да се дел од ЕУ, Тајани рече дека ова се европски земји, така што „тие не може да ги гледаат Кина и другите земји како нивни соговорници, туку како Европејци, секако дека гледаат кон ЕУ“.

    – Јасно е дека гледаат кон ЕУ, меѓутоа не треба ја направиме грешката да исчезне сонот на илјадници млади од Балканот, кои што гледаат, во Европа како нивна втора татковина, бидејќи ако ние не покажеме дека сакаме да им ја подадеме раката на оние што ни ја бараат, ако кажеме не ве сакаме, оди од друга страна, тоа не е прифатливо – изјави Тајани.

    Италија, појасни италијанскиот министер, секогаш имала многу силен однос со земјите од Балканот и тоа вложување го покажува на сите свои посети на земјите од Балканот.

    – Сакаме да го забрзаме темпото за пристапување и ние се залагаме пред институциите во Брисел, и се надевам дека нашиот глас е авторитетен и верувам дека нашето залагање во корист на Балканот не е само политичко залагање, туку и квалитативно и квантитативно залагање кое што има свој товар. Ако Италија го бара тоа, мислам дека нашата гаранција е голема. Тоа не значи дека не треба ништо да се направи и да не се заврши започнатиот процес, туку треба сепак да се подаде рака кон оние народи кои што сакаат да бидат со Европејците, особено кон нашите пријатели од Балканот. Треба да се решат проблемите што не се решени за да се почитуваат европските права за пристапување. Секако, ако ние не го направиме ова, некој друг ќе сака да нѐ замени. Мислам на Русија, на Кина и на други делови од светот. Мислам на Турција, меѓутоа во политиката не треба ништо да се остави недовршено. Ние сме политички убедени дека Балканот е интегративен дел на ЕУ. Не е само економско прашање ова, туку и тоа да се реконструира и да се создаде Европа која што по Втората светска војна беше поделена на две. Целите, кои ги даде Роберт Шуман, беа да се создаде мир и со пристапувањето на земјите од Балканот практично помагаме во остварување на сонот на овие основоположници, меѓутоа и на младите кои што се дел од Европа – појасни италијанскиот министер за надворешни работи.

    Исто така, претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прими министерот Антонио Тајани, соопшти Кабинетот на претседателката.

    На средбата беше разговарано за можностите за унапредување на соработката на билатерален и меѓународен план, за тековните состојби во однос на македонскиот пристапен процес за членство во Европската Унија, како и за актуелните случувања во регионот. Соговорниците изразија задоволство од активниот и континуиран политички дијалог којшто е потврда на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји.

    Истакнувајќи дека членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет, претседателката изрази благодарност за континуираната поддршка од Италија на македонските евроинтеграции и доследното застапување на политиката на проширување на Европската Унија.

    Во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот раст, претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше неопходноста од забрзување на пристапувањето кон ЕУ и изрази очекување дека со помош и силна поддршка од нашите вистински пријатели, земјава ќе успее полесно да го изоди европскиот пат.

    Во таа насока, претседателката ја потврди посветеноста на исполнување на реформската агенда, одржување на добрососедските односи и активна регионална соработка.

    Потенцирајќи дека Италија е наш важен политички и економски партнер, претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји и натамошно дополнително јакнење на безбедносната соработка во рамки на НАТО Алијансата.

    Претседателката ја истакна подготвеноста и за унапредување на соработката преку културната и јавната дипломатија и ја посочи можноста за соработка со италијанските региони во областите на туризмот, младите и спортот, како и во областа на креативните индустрии.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img