Авионот кој полета од аеродромот во Милано кон Њујорк мораше принудно да слета на аеродромот во Рим поради големо оштетување на прозорците и клунот кој беше искршен од ледените топки што паѓаа во силното невреме што доцна синоќа и утрово ја зафати северниот дел на Италија.
Исклучително силното невреме, пропратено со град и ветер, во Милано во текот на ноќта предизвика голема материјална штета, а една 58-годишна жена жена го загуби животот откако врз неа паднало дрво.
Милано и околината утринава околу 4 часот ги зафати невреме со силен дожд, град и ветрови со брзина поголема од 100 километри на час, што е второ невреме за нешто повеќе од 12 часа.
Невремето предизвика огромни штети на згради и автомобили, доведе и до отежнат сообраќај поради дрвјата кои паднаа на улиците, а во некои делови од градот беше издадено известување граѓаните да не излегуваат од домовите.
Од фотографиите кои кружат на социјалните мрежи, може да се види дека во некои делови паднал силен град со огромни ледени топки од речиси половина килограм.
Голем број автомобили беа целосно уништени од силниот град.
Ова е трета екстремна бура за помалку од 48 часа што предизвика штети на посевите, па регионот Ломбардија ќе побара од Владата да прогласи состојба на природна катастрофа.
Цивилната заштита на Италија ја прикажува појавата на бури во реално време на својата веб-страница и објави препораки за граѓаните како да се однесуваат и да се заштитат.