Истражување за квалитетот на воздухот во училиштата и во градинките спроведено во пет општини (Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и во Кавадарци) покажало дека бил надминат дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички, а дека другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници. Но, за разлика од надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности за справување со проблемот.
Истражувањето е дел од проектот за справување со загадувањето на воздухот во наведените пет општини, имплементиран од УНДП и со финансиска поддршка од Шведска. Резултатите ги презентираше професорот од Штипскиот универзитет Дејан Мираковски, кој за медиумите изјави дека во период од скоро една година, согласно методологијата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО), успеале да направат анализи на квалитетот на воздухот во просториите каде што престојуваат деца и ученици.
Тој вели дека нема директна поврзаност на надворешниот и на внатрешниот воздух и дека во зима, кога надвор се екстремно високи концентрациите на загаденост, нема пробивање во внатрешниот воздух поради добрата изолација и енергетската ефикасност на објектите. Како што рече, во текот на зимата има помали концентрации внатре, но во текот на летото концентрациите на штетни честички се повисоки внатре отколку во надворешниот воздух.
– Во просек, ги надминуваме препораките на СЗО скоро за двапати, така што неопходно е да се преземат мерки коишто би направиле условите во училиштата и во градинките да бидат и здрави и безбедни за децата и за наставниците. Генерално, ние дишеме загаден воздух, и внатре и надвор, со тоа што внатрешниот воздух веројатно е и поголем проблем за нас бидејќи ние, посебно во зимскиот период, престојуваме подолг период внатре отколку надвор – рече Мираковски.
Сепак, за разлика од проблемот на загадениот воздух надвор, за воздухот во затворени простории има повеќе решенија – од современи системи за вентилација до едноставни самостојни системи за филтрација на воздухот со кои може да се намалат и 80-90 проценти од концентрациите на суспендирани честички.
Добри и брзи резултати, според Мираковски, може да се постигнат и со наједноставни мерки за хигиена – почесто пребришување, користење обувки или облека само за внатрешниот простор, да не се престојува дома со облека што се носи надвор.
На прашањето во која од петте општини опфатени со проектот загадувањето во училиштата и во градинките било најголемо, тој одговори дека наодите се слични во сите пет.
– Нема разлика помеѓу студената и топлата сезона, како што е амбиентниот воздух. Слични се вредностите на просечните концентрации и ПМ 2,5. Се движат од 42 или 43 па до некаде 80 микрограми на метар кубен. Максимум е 25 за осум часа внатрешен воздух. Различни се вредностите на амбиенталниот и во внатрешниот воздух – додаде Мираковски.
Според амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Џаин, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, наодите од истражувањето ќе им помогнат на петте града во справување со проблемот.
– Сметаме дека секој чекор на овој пат го гради движечкиот моментум кон постигнување промени. Благодарни сме на општините Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга за кофинансирање на овие планирани инвестиции со вкупна сума од речиси еден милион евра – изјави амбасадорката на Шведска.
Григорјан нагласи дека загадувањето на воздухот влијае на здравјето и на продуктивноста на работното место.
– Досега нашата иницијатива се одвиваше во шест општини каде што се испитуваше квалитетот на внатрешниот и на надворешниот воздух и отворени сме за соработка со други општини и со други државни органи на централно ниво – додаде претставникот на УНДП.
Министерот за здравство Арбен Таравари во однос на справувањето со загадувањето во државава посочи дека на Влада поминал проект на Министерството кој треба да профункционира до крајот на идната година.
– Се работи за 10 болници каде што ќе се замени стандарното греење со мазут и со нафта и ќе бидат вклучени начини на греење во коишто нема загадување на воздухот. Владата партиципира, меѓутоа имаме донации и од невладини организации. Јас се надевам дека овој проект доста ќе помогне – рече Таравари и додаде дека загадениот воздух особено им штети на ранливите категории луѓе, како и дека државата има доволно капацитети за да се опфатат пациенти со белодробни заболувања.
Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, квалитетот на воздухот е од исклучително значење, особено во училиштата затоа што влијае на психофизичкиот развој на учениците, на нивните способности да размислуваат, да се сконцентрираат, да бидат креативни, но исто така влијае и врз наставниците.
– Државата мора да работи на подобрување на условите за живеење и работење во целата околина, но секако интензивно и во училиштата. Во тој правец работиме на енергетска ефикасност на училиштата за да ја намалиме емисијата на јаглерод двооксид. Секако работиме и на промена на системите за греење, но она што е исто така многу значајно, ќе работиме и на едукација за зачувување на околината – изјави Јаневска.
Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, изјави дека се работи за алармантен проблем за што говори и фактот на голем број хоспитализирани деца со белодробни и респираторни болести.
– Треба сите заеднички да смогнеме сили и да направиме конкретен план и да тргнеме во борбата против загадениот воздух и како да го намалиме тоа влијание, пред сѐ, кај нашите најмлади. Како Министерство, во новиот буџет, ќе ја разгледаме можноста и најдиректно да помогнеме токму на решавање на ова прашање, барем на едно минимално или локално ниво, коешто не е решение, но можеби е некоја превенција во оваа ситуација – изјави Велковски и додаде дека Министерството за социјална политика, демографија и млади обезбедува на локално ниво блок-дотации за градинките и со тие средства може да се набават прочистувачи за воздух.