Поради основано сомнение дека сториле кривично дело насилничко однесување, истражниот судија на Жупанискиот суд во Дубровник на пет млади момчиња од областа Дубровник им изрече мерка притвор до 30 дена, пишуваат хрватски медиуми.
Тие се обвинети дека ставиле четворица мажи – еден Хрват, двајца државјани на Босна и Херцеговина и еден државјанин на Северна Македонија, во понижувачка положба со насилство, злоупотреба и друго особено дрско однесување на јавно место.
Притворот е одреден во однос на начинот и околностите на извршување на кривичното дело насилничко однесување, бидејќи при физичкиот напад врз сезонските работници покажале екстремна агресивност, непромисленост и бруталност, како и поради опасност од повторување на кривично дело.
Полицијата веќе извести дека бруталното претепување на четворица сезонски работници од синџирот хотели „Валамар Ривиера“ дошло по ноќно излегување и вербален конфликт во Пиле. Настанот се случил пред ноќниот бар „Еликс“, кога сезонските работници за да избегнат понатамошен конфликт со такси го напуштиле местото и отишле во нивниот сместувачки објект во месноста Бабин кук.
Но, групата осомничени ги следела и откако работниците се симнале, ги нападнале и на тројцата им нанеле полесни физички повреди. Додека физички ги удирале, ги навредувале на национална основа, со што кај жртвите се создавало чувство на страв, понижување и нарушено достоинство.