Српските медиуми денеска понудија нова, трета варијанта за страотната сообраќајка во која Дејан Ј. шибајќи во спротивна насока удри во „хјундаи“ и жив изгоре во возилото. Според Информер, камерите од автопатот кај Обреновац-Белград покажуваат дека тој намерно се вклучил во спротивна насока.
„Според снимките од камерите, нема индиции дека „пунто“ случајно извртело на автопат. Јасно се гледа дека кај кружниот тек возачот свртел на „Милош Велики“ во спротивна насока. Констатирано е и дека во моментот на судирот возел меѓу 130 и 135 км/ч, немало траги на кочење, додека хјундаито се движело со брзина од околу 80 км/ч“, изјавил за Информер извор од истрагата.
Вчера, медиумите прво објавија дека Дејан веројатно снимал видео за социјалната мрежа Тик-Ток каде бил доста влијателен, а по професија бил масажер. Подоцна, ова го демантираше неговиот совозач Ненад К. кој преживеа со тешки повреди. Според Ненад, тој и Дејан, откако пиеле пиво, брзале за на свадба во Ивањица и промашувајќи го излезот решиле во спротивна насока со брзо возење да отидат назад и да се исклучат.
Српски Информер пишува и дека според очевидци кои патувале тој ден на автопатот, Дејан и Ненад им мавтале на другите возачи додека возеле во обратна насока.