Најмалку три лица, меѓу кои и едно дете, загинаа, а 12 се повредени во руските напади во близина на градот Доњецк во источна Украина, соопштија локалните власти. Нападот ги погоди станбените блокови во Селидове, на околу 20 километри од линијата на фронтот.
Како резултат на нападите, од тамошната оштетена болница биле евакуирани околу 100 пациенти, кои биле префрлени во блиските градови Покровск и Мирноград.
Гувернерот на Доњецката област Вадим Филачкин соопшти дека првиот напад се случил околу 23:30 часот, а вториот во 1 часот по полноќ денеска по локално време. Во исто време, властите не соопштуваат детали за видот на нападот.
Од приморскиот град Одеса има дојава за ракета управувана од Русија, која успеале да ја пресретнат во вторникот попладне, но урнатините оштетиле две згради. Немаше повредени.
Во меѓувреме, руските воздухопловни сили пресретнаа два украински беспилотни летала над рускиот регион Белгород. Друго беспилотно летало е пресретнато над регионот Воронеж, а шест над Црното Море, јави руската новинска агенција РИА Новости.
Украинската армија објави дека уништила руски воен брод во напад со дрон долж јужниот брег на полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Како што соопшти Генералштабот на украинската армија на социјалната мрежа Телеграм, украинските вооружени сили со помош на воено разузнавачки единици го уништија рускиот јуришен амфибиски брод Цезар Куников.
Украинскиот информативен портал „Украинска правда“, повикувајќи се на анонимен извор од воената разузнавачка служба ХУР, објави дека руската црноморска флота била нападната со беспилотни летала. Според порталот, кој го резимира германската новинска агенција dpa, рускиот брод бил толку многу оштетен во нападот што потонал.
Руското Министерство за одбрана се уште не ги коментираше тврдењата за уништување на бродот. Но, имаше порака дека шест украински беспилотни летала се соборени над Црното Море.
Според податоците на веб-страницата на руската Црноморска флота, десантниот брод Цезар Куников е долг 112,5 метри и широк 15 метри. Името го добило по советски херој од Втората светска војна.
Во текот на речиси две години од руската инвазија, Украина потопи или сериозно оштети неколку руски воени бродови со проектили и беспилотни летала. Според dpa, руската црноморска флота сега главно е истисната од западниот дел на Црното Море.