Исламска држава ја презеде одговорноста за вчерашниот напад врз светилиштето во иранскиот град Шираз

Lorita
By Lorita 1 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Исламска држава ја презеде одговорноста за вчерашниот напад врз светилиштето во иранскиот град Шираз, соопшти оваа терористичка група на каналот Телеграм.

Во нападот на шиитското светилиште загинаа 13 лица, а иранскиот претседател Ебрахим Раиси вети дека тоа нема да помине неказнето.

Уште 40 лица се повредени во нападот врз мавзолејот на Шах Чераг во Шираз, главниот град на провинцијата Фарс, јави иранската телевизија.

Мавзолејот на Шах Чераг е најпочитуваното светилиште на југот на земјата, бидејќи во него се наоѓа гробот на Ахмад, братот на имамот Реза, осмиот шиитски имам погребан во Машхад, на североистокот на земјата.

Медиумите прво јавија дека имало тројца напаѓачи, од кои двајца се уапсени. Но, шефот на локалната судска власт, Казим Мусави, за иранската телевизија изјави дека само еден терорист бил вклучен во нападот.

„Уапсен е еден терорист поврзан со текфирските групи“, соопшти полицијата, пренесоа западните агенции. Терминот текфир се користи во Иран за џихадистички групи или радикални сунитски исламисти.

Меѓу жртвите се и една жена и две деца, пренесе агенцијата Фарс. Агенцијата соопшти дека „уапсените терористи не се Иранци”, без да даде дополнителни детали за нивниот идентитет.

Share This Article