Грчката полиција од вчера трага по две девојчиња, на возраст од 13 и 14 години, кои исчезнаа од областа Калитеа.
Станува збор за 13-годишната Елефтерија С. и 14-годишната Катерина П.
Веројатно девојчињата се качиле во такси до непозната дестинација, објавија грчките медиуми.
„Грчката невладина организација ‘Насмевката на детето’ ја ажурираше својата страница во четвртокот на 30 ноември и веднаш по наредба на Обвинителството пристапи кон објавување на деталите за малолетниците, бидејќи постојат причини кои ги доведуваат во опасност нивните животи. Елефтерија С. има црна коса, кафени очи, висока е 1,70 метри и тежи 85 килограми. На денот кога исчезна таа носеше црни спортски панталони со бела лента, беж блуза, црна јакна и бели тренерки. Катерина П. има кафена коса, кафени очи, висока е 1,65 метри и тежи 80 килограми. На денот кога исчезна таа носеше бела блуза, црн капут, црни панталони и бела тренирка“, објавуваат медиумите.
Оваа грчка организација која алармира за исчезнати деца не само во Грција туку и во регионот вчера го објави и исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје по која македонската полиција трага веќе четврти ден, а од пред два дена издадена е и жолта потерница за исчезнати лица на Интерпол.