Настапот на ирската претставничка Бамби Таг на првата полуфинална вечер на Евровизија предизвика лавина коментари на интернет – додека едни остро ја критикуваат, други ја бранат.
На првата полуфинална вечер на Евровизија во Малме еден настап предизвика лавина од спротивставени коментари на социјалните мрежи.
Бамби Таг од Ирска ги шокираше гледачите во Европа, но и во светот со настапот и песната „Doomsday Blue“. Пејачката излезе на сцената со рогови, на сцената имаше поставено свеќи во круг, а на неа и околу неа низа симболи.
Песната со „тврд звук“ привлече големо внимание, а според обложувалниците е на петтото место за победа. Настапот на Бамби Таг вклучуваше симболи како пентаграм, ѓаволи, вештерство, а претставувал борба на човекот со внатрешните демони.
Тешката шминка, интензивните експресии на лицето, но и одличното пеење беа дел од настапот на оваа девојка од Ирска. Мрежите се преполни со коментари, а реакциите се многу спротивставени – едни сметаат дека ова е најморничавиот настап на Евровизија додека други ја фалат и велат дека е „многу оригинална“ и „поинаква од сè досега“.
Како што се коментира на социјалните мрежи, според фановите на популарното натпреварување ирската претставничка извела ѓаволски ритуал во Малме, а во еден момент дури и „фрлала клетви и магии“, за да го заврши настапот со фразата „крунисајте ја вештерката“, што дополнително предизвика морници кај гледачите ширум светот. Некои дури отидоа чекор подалеку и повикаа Ирска веднаш да биде дисквалификувана.