Шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, денеска изјави дека Техеран не ѝ испорачал балистички ракети на Русија и дека санкциите кон Иран нема да ги решат проблемите.
„САД и трите европски земји повторно преземаат акција заснована на погрешни разузнавачки информации. Иран не ѝ испорачал балистички ракети на Русија. Точка… Санкциите не се решение, туку дел од проблемот“, објави Аракчи на социјалната платформа Икс.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, вчера изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и најверојатно ќе ги употреби за неколку недели. Според него, соработката меѓу Москва и Техеран претставува закана за европската безбедност.
САД, Германија, Велика Британија и Франција вчера воведоа нови санкции против Иран, вклучително и мерки против иранскиот национален авиопревозник „Иран Ер“.
Кремљ денеска ги негираше информациите дека Иран испорачувал проектили на Русија, истакнувајќи дека наводите за трансфер на оружје се неосновани.
Претходно, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, изјави дека Техеран ќе преземе соодветни „мерки“ како одговор на новите санкции.
„Оваа акција на трите европски земји е продолжување на непријателската политика на Западот и на економскиот тероризам против иранскиот народ“, наведе Канани.
Тој додаде дека „Исламската Република Иран ќе одговори на соодветен и пропорционален начин“, без да прецизира за кои „мерки“ станува збор.