Иранското Министерство за надворешни работи денеска ја потврди својата поддршка за суверенитетот и за територијалниот интегритет на Сирија, откако претседателот Башар ал Асад беше соборен од власт по молскавична офанзива на бунтовничките сили.
– Нашата принципиелна позиција во однос на Сирија е многу јасна: зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет на земјата и дозволување на сирискиот народ самостојно да ја одреди својата иднина, без странско мешање – изјави портпаролот на Министерството, Есмаил Багаи.
Тој додаде дека Сирија не треба да се претвори во „упориште на тероризмот“.
На 8 декември, коалиција предводена од радикалната исламистичка групација „Хајат Тахрир аш Шам“ (ХТС), поддржана од Турција, влезе во Дамаск и го собори сирискиот режим по брза офанзива што траеше 11 дена.
ХТС, поранешниот сириски огранок на Ал Каеда, тврди дека се откажал од џихадизмот, но и натаму се смета за терористичка организација од неколку западни држави.
Башар ал Асад, кој владееше со Сирија 24 години, побегна во Москва, означувајќи крај на повеќе од 50 години владеење на кланот Асад.
Русија и Иран беа главни сојузници на Асад за време на граѓанската војна што започна во 2011 година, во која загинаа околу 500.000 луѓе, а милиони беа раселени.
Портпаролот Багаи на прес-конференцијата изјави дека Иран сè уште нема „директен контакт“ со новото сириско раководство.