Здружението на инженери на Република Македонија испрати свои ставови во однос на предложениот проект „Митилинеос“ за изградба на когенеративна постројка во Скопје.
Нивните ставови ги пренесуваме во целост:
„Митилинеос не обезбедува енергетска независност на Македонија, туку напротив, ќе предизвика Македонија да стане финансиски и енергетски роб на Митилинеос, затоа што:
1. Македонија се обврзува да ја купува сета струја и сета топлина што Митилинеос ќе ја произведе, при што цената на струјата ќе биде од 15% до 35% повисока од берзанската. Македонија ќе мора да плати и за струја и за топлина што нема да може да ги преземе заради технички причини или затоа што ќе нема потреба. Разликата помеѓу цената на струјата од Митилинеос и берзанската цена ќе предизвика финансиска штета за Македонија од околу 20 милиони евра годишно.
2. Според владини претставници, Македонија ќе добие од Митилинеос од 120 до 150 милиони евра данок на добивка, со што самата Влада потврдува дека Митилинеос ќе оствари добивка од 1,2 до 1,5 милијарди евра во период од 30 години. Митилинеос ќе има маржа од околу 52 милиони евра на годишно ниво односно ќе има профит од над 40 милиони евра на годишно ниво, односно над 1,2 милијарди евра за период од 30 години.
3. Македонија ќе му даде 49,75 милиони евра државна помош на Митилинеос и уреден плац од 115.000 м2 во населба Железара којшто ќе чини околу 20 милиони евра, за кој Митилинеос ќе плаќа годишен закуп од само 2 EUR/m2, иако закупот во ТИРЗ, според постоен правилник, чини 4 EUR/m2.
4. Македонија, наместо Митилинеос, ќе плаќа околу 25 милиони евра на годишно ниво по 2030 година за емисија на CO2 при производството на струја од Митилинеос.
5. Реалната пазарна цена на гасната електрана Митилинеос чини околу 190 милиони евра за предвидените максимални 165 MWh електрична моќност, а секако не чини 290 милиони евра како што е наведено во Предлог законот. Гасната електрана што Газпром ја пушти во работа во Панчево во 2022 година има моќност од 200 MW и чинеше 180 милиони евра. Цената од 290 милиони евра е добиена со вклучување и на каматите на кредитите што Митилинеос планира да ги земе.
6. Ако цената на топлинската енергија од Митилинеос се намали, тогаш тоа намалување ќе се компензира со зголемувањето на цената на електричната енергија од Митилинеос.
7. Намалувањето на цената на топлинската енергија коешто владини претставници го наведуваат не е заради придобивките од гасната електрана Митилинеос, туку е заради огромната разлика помеѓу цената на гасот според кој Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја одредила цената на топлинската енергија на 01.11.2023 и сегашната берзанска цена на гасот. Заради оваа разлика, сосема независно од Митилинеос, цената на топлинската енергија треба веднаш да се намали за 40% затоа што цената на топлинската енергија е одредена од страна на РКЕ на 01.11.2023 со цена на гас од 87 EUR/MWh, а берзанската цена на гасот во февруари 2024-та година е пониска од 30 EUR/MWh.
8. По истекот на 30-годишниот договор, Митилинеос останува сопственик на гасната електрана.“