Интерарт културниот центар ја продолжува Националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ (Dancing (Talking) Table) во соработка и со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје. Следниот настан ќе се одржи утре, 9 мај, со почеток во 20 часот, во партнерство и соработка со Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија.
Во рамки на настанот ќе се изведе претставата „Простор за разговор“ во кореографија и режија на Рисима Рисимкин. Настапуваат танчарите на Скопје танцовиот театар Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Бобан Русески, како и Стефани Шааршмит, Сара Димовска, Клара Христова, Јоана Благадуша, Микаела-Анџела Глигорова, Илина Костовска, Моника Шолевска, Ангела Петровска и Стефанија Милевска Враниќ, студенти на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“.
Ќе биде прикажан и филмот кој е специјално подготвоен на таа тематика, а пред публиката ќе се обратат, директорката на домот за култура, магистер по уметност, Мирјана Крстева Масети, Петар Јанчев, член на Интерсекторска група за родова еднаквост во Општина Гевгелија и Рисима Рисимкин, уметничкиот автор на проектот кои ќе зборуваат на темата за родова еднаквост и семејно насилство.
Националната турнеја на овој активистички проект се случува во партнерство со универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, „Националната мрежа против семејно насилство“ и локални партнери од 10 градови во Македонија, кои се занимаваат со темата на родово еднаквост и родово базирано насилство.
Премиерата на претставата „Простор за разговор“, се одржа на 26 ноември 2022 година во Мала станица во Скопје, и за таа цел беа создадени уметнички рефлексии на темата, преку современа танцова претстава и филм на истата тема. Овој месец турнејата ќе продолжи низ повеќе градови во земјава.