Граѓаните да не конзумираат алкохол кога управуваат со моторно возило, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да не користат мобилен телефон додека возат, задолжително да користат сигурносен појас, да направат зимска проверка на возилото, да се почитува растојанието меѓу возилата и да се избегнува нагло сопирање на возилото, ова се дел од препораките на зимската и новогодишната кампања на Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.
Во рамките на кампањата, МВР и РСБСП, денеска во Охрид делеа едукативен материјал за да ги потсетат возачите на законската обврска за задолжително носење на зимска опрема, како и да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот за време на претстојните новогодишни празници.
Од МВР велат дека новогодишните празници се карактеризираат со поголема раздвиженост на луѓето, празнично расположение и поголема густина во сообраќајот, но не смеат да се запостават ни ниските температури и лизгавите коловози.