Повеќе од 15 тони овошје и зеленчук се одземени во акцијата на инспекцијата на Кванташкиот пазар, а има и кривични пријави за управителите на Кванташкиот пазар, компанијата Анмарк Мк ДООЕЛ, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој ги објави имињата на некои од поголемите маркети кои, како што рече, ја прекршувале владината одлука, како што се КАМ, Веро, Кипер, Стокомак, Миса МКБ, Тинекс . Казни ќе има и за увозниците на овошје и зеленчук Астра фреш, Савари, Атлантик, Фрута-Фрукта, Стрима, Нехар фреш, Ема стил и други.. Министерот рече дека на овие трговци веќе им се изречени глоби, а дополнително за дел од нив, неделава, ќе бидат поднесени и кривични пријави.
– Во петок јавно ќе се покренат кривичните постапки – рече Бектеши.
Одлуката за цените, како што рече, ќе продолжи да важи и во наредниот период.
Бектеши најави дека се подготвуваат кривични пријави и за компаниите кои поднесувале лажни фактури и лажирале цени на увозни производи.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски рече дека на кванташки пазар биле регистрирни голем број прекршувања на законот.
– Затекнати се трговци кои не водат евиденција за трговија. Одземени се стоки од 15 тони кои беа распределени во повеќе институции – рече Трајковски.
Тој ги покани трговците да ги платат казните и најави засилени и редовни контроли и во наредниот период.
– Наша цел е доследно почитување на законите, а граѓаните да ги пријавуваат прекршувањата на нивните потрошувачки права – рече Трајковски.
Од 5 април па до крајот на месецот замрзнати се цените на 11 видови овошје и зеленчук (домати, краставици, пиперки, кромид, карфиол, грав, леќа, банани, портокали, мандарини, лимони).
Владата претходно донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи и цените на јајцата и оризот. Претходно замрзнати беа цените на тестенините и млечните производи, а замрзна и цената на белиот леб и полубелиот леб до 33 денари. Одлуката за замрзнати цени ќе важи до 31 мај.