Инспекција во РЕК Битола откри отстапувања при одлагање на опасна пепел

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

По бројните реакции на граѓаните и објавите на социјалните мрежи со фотографии и видеа од масовен облак прашина околу РЕК Битола, Основното јавно обвинителство Битола отвори предмет за да испита дали одлагањето на пепелта на депонијата во рамки на комбинатот се спроведува во согласност со еколошката дозвола, главниот рударски проект и прописите за заштита на животната средина.

„Дадена е наредба до СВР Битола за вршење увид на лице место и утврдување на факти за евентуално постоење на кривично дело кое се гони по службена должност“, информираа од обвинителството.

Дополнително, по нивно барање, Државниот инспекторат за животна средина изврши вонредна инспекција, при што биле констатирани недостатоци во примената на мерките за спречување и намалување на емисијата на прашина од одлагалиштето за пепел.

Се работи за токсична и потенцијално радиоактивна пепел, нуспроизвод од производството на електрична енергија, која според законските регулативи треба да се складира во специјални касети и да се затрупува со земја. Меѓутоа, особено во ветровити услови, таа се разнесува низ воздухот – појава што, како што реагираат граѓаните, е забележлива и од самата Битола.

Пред еден месец од РЕК Битола тврдеа дека при одлагањето на пепелта се почитувале сите протоколи. Сепак, сега потврдуваат дека при увидот на 26 март, инспекцијата утврдила поголеми количини пепел на одлагалиштето, кои значително отстапуваат од стандардите наведени во Главниот рударски проект.

„Издадено е задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно распоредени во касети и покриени со земја, согласно протоколот“, информираа од РЕК Битола. Од таму додаваат дека досега се отстранети повеќе од половина од несоодветно депонираната пепел, а интензивно се работи на расчистување на преостанатите количини.

Покрај расчистувањето, до крајот на април, РЕК Битола има обврска да изврши мерење на амбиенталниот воздух на локацијата каде што се складира пепелта. По тоа, Државниот инспекторат за животна средина треба да го достави комплетниот извештај до Обвинителството, кое потоа ќе одлучи како ќе постапува понатаму во овој предмет.

Share This Article